Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Регионален форум „Рудници – Да или Не?“: Повеќе од јасно, сите се за НЕ! PDF Print E-mail
Wednesday, 06 December 2017 11:13

Четворица градоначалници, претставничка на граѓанска иницијатива и раководителка на Центарот за развој на Југоисточен плански регион беа панелистите на Регионалниот форум „Рудници – Да или Не?“ организиран од Цивика мобилитас, што се одржа на 5 декември 2017 година во Струмица, а се однесуваше на актуелната ситуација со веќе отворените рудници, како и дадените концесии за отворање нови рудници во Југоисточна Македонија. Салата во Домот на АРМ во Струмица беше преполна со граѓани и активисти.

Regionalen forum Rudnici Da ili Ne Povekje od jasno site se za NE 1

Дебатата доби на динамика уште на самиот почеток. Сите панелистите јасно дадоа до знаење дека се против рудниците и дека ќе се борат постоечките да се затворат, а нови никогаш да не се отворат.

Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, беше категоричен во одговорот на прашањето на модераторката Лупевска Созен, дали ќе поднесе оставка доколку не се реши проблемот со рудниците во неговата општина: „Во случај на неуспех во затворањето на рудниците, сите опции се отворени – оставка, граѓанска непослушност, сѐ што е потребно ќе направиме“. Костадинов, кој претходно беше активист против рудниците, беше категоричен дека и сега, како градоначалник, неговиот став воопшто не е променет. „Наша обврска е да се бориме со сите механизми рудниците да престанат со работа“, рече градоначалникот на Богданци. „Такви рудници не треба да постојат“, продолжи градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, а градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, рече дека пораката на референдумот што се одржа во Гевгелија е јасна и дека мисли дека веќе во оваа фаза  ќе се реши овој проблемот. Жулиета Ѓуркова, раководителка на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, рече дека овој регион е фабрика од која се храни цела Македонија. Доколку во близина од 50 километри има тешка индустрија, веќе ќе нема органско производство на земјоделски производи. Симона Гетова, од Иницијатива „Југоисток против рудниците“, изјави дека повеќе од 40.000 граѓани рекле не на рудниците и дека оваа дилема е веќе надмината. „Сега веќе треба се разговара како да се стопираат овие рудници“, рече таа, и додаде: „Ние граѓаните кои се изјаснивме против рудниците ќе направиме сѐ што е во наша моќ, па и тоа што не е во наша моќ, да нема рудници во Југоисточна Македонија“.

Regionalen forum Rudnici Da ili Ne Povekje od jasno site se za NE 2

Во дебатата се вклучија и присутните во салата. Беше кажано дека овие 86 лиценци за нови рудници, кои биле доделени од страна на претходната Влада во само еден ден, се голема закана за здравјето на луѓето и за земјоделството како носечка стопанска гранка во регионот. Граѓаните и активистите беа категорични во своите ставови, велејќи дека ова е сериозен проблем и дека „ова е геноцид над 400.000 граѓани на Република Македонија“ според еден, „не само за овој регион, туку и за цела Македонија, како и за Бугарија и за Грција“, според друг.

Единствен во салата кој имаше поинакви ставови беше Николајчо Николов, извршен директор на рудникот Бучим од Радовиш и претседател на Македонската асоцијација за рударство, кој рече дека оваа реакција за рудниците е многу задоцнета и дека многумина со леснотија ги користат зборовите „труење“ „езера со цијанид“ итн. Тој ги покани присутните да го посетат рудникот Бучим и сами да се уверат во начинот на кој работи компанијата. Многумина од присутните гласно реагираа на неговите ставови по ова прашање.

Меѓу присутните беше и Лилјана Поповска, пратеничка во Собранието на Република Македонија, која констатираше дека рудниците Иловица и Казандол веќе можат да се затворат, затоа што многу рокови утврдени во договорите се прегазени. Таа изјави дека подоцна се утврдило дека некои ги добиле концесиите за да ги продадат, без воопшто да започнат со било каква инвестиција.

До сега во овој регион се одржаа шест референдуми за стопирање на рудниците, од кои три беа успешни.

„Мојот избор“ направи анализа на ветувањата во програмите на актуелните и поранешните градоначалници во пет општини на темата „Рудници“.

 

Проекти

Civica Mobilitas Tacso

New

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity News Регионален форум „Рудници – Да или Не?“: Повеќе од јасно, сите се за НЕ!