Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Заврши „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) PDF Печати Е-пошта
Недела, 09 август 2015 11:59

Арон Кимсон (Aaron Kimson ) и Филип Јотевски (Filip Jotevski) од САД, Лукас Стрезос (Lucas Strezos) и Наташа Калајџиовски (Natasia Kalajdziovski) од Канада го завршија својот тринеделен престој во Македонија. Тие беа дел од проектот „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) што го спроведуваа Обединетата македонска дијаспора (ОМД) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), како локален партнер.

DSC 7361

„Ова е најдобриот студиски престој што сум го имал до сега“, рече Арон Кимсон, „беше повеќе од тоа што го очекував“.  Арон и Филип беа ангажирани во кабинетот на министерот без ресор, задолжен за привлекување на странски инвестиции, Џери Наумоф. И двајцата велат дека овие три недели ќе им бидат многу корисни и за студиите, но и потоа, кога ќе почнат да работат. „Јас сум 50% Македонец, не го зборувам јазикот иако разбирам фрази и можам да кажам некои зборови или реченици“, вели Арон кој мотивот за пријавувањето ги нашол во потребата да биде во контакт со неговите корени. „Имаме големи семејни собирања и кога дојдов тука сфатив од каде доаѓа целата таа традиција, храната, како што се зелникот, знаев ама ете сега го имам и контекстот“, раскажува тој.

Сите без исклучок се задоволни од начинот на кој бил организирано нивното смесување. Можноста да се престојува во семејства со луѓе на нивна возраст им овозможило да видат како функционира животот во Македонија. „Живеев со Даниела, таа е на мои години, не можеше да биде погостопримлива“, вели низ насмевка Наташа, „ми го отвори домот, ми обезбеди што ми беше потребно, ми го покажа градот, ми даде одлични совети, беше одлично!“ 

Покрај ангажманот во текот на работните денови, сите четворица имаа можност да патуваат во текот на викендите и да дознаат повеќе за Македонија. Посетија различни манифестации како „Галичката свадба“, „Пивофест“ во Прилеп, беа на прошетка во Охрид. Освен тоа, имаа средби и ги посетија и Министерството за одбрана, Собрание на РМ, Американската амбасада. 

„Ова е неверојатно искуство, без разлика која генерација Македонец сте, ова е одлично за враќање на корените“, вели Филип Јотевски. „Секој млад Македонец треба да го искуси ова преку „Родум од Македонија“. И Наташа вели дека веќе полека почнала да ги сензитира нејзините пријатели на ФБ за тоа колку добра можност е „Родум од Македонија“. „Освен тоа, ќе им го препорачам на моите братучеди кои не слушнале за проектот и за можноста. Тие се на мои години и мислам дека би биле заинтересирани“, вели таа.

И ОМД и МЦМС сметаат на тоа, затоа што така „Родум од Македонија“ ќе расте од година во година, а младите Македонци кои се родени и живеат надвор од државата ќе го запознаат нивното културно наследство и ќе воспостават контакти и пријателства меѓу себе и со нивните врсници во Македонија.

 

Проекти

Civica Mobilitas Tacso

Ново

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Заврши „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia)