Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Дали моделот на антикорупциските агенции е клучен за нивниот успех? PDF Печати Е-пошта
Среда, 31 мај 2017 11:23

Клучот за успех на превентивните агенции за борба против корупцијата е во нивното раководство, односно во лидерството, а не во организациските фактори“, рече меѓу другото Слободан Томиќ од Универзитетскиот колеџ од Лондон (University College London), во неговото излагање на форумот: „Превенција на корупцијата – водство и координација во Македонија“ што се одржа денес (30 мај 2017 година) во Скопје. Според него, она што загрижува се воспоставувањето на агенциите како симболички акции наместо како израз на вистинската политичка волја, како и ризикот од политизација, односно политичка инструментализација.

Dali modelot na antikorupciskite agencii e kluchen za nivniot uspeh 1

За искуствата на Агенцијата за борба против корупција од Србија зборуваше Милица Божаниќ, помошник директор за меѓународна соработка. „Независноста е чувар на кредибилитетот на Агенцијата, а под тоа подразбираме функционална, оперативна и финансиска независност“, рече Божаниќ. Таа го елаборираше нивниот модел на работа, во кој директорот самостојно ги носи одлуките, со поддршка на стручната служба.

Горан Миленков, член на ДКСК се осврна на соработката на Комисијата со другите државни органи, а Спасенка Андонова од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал потенцираше дека е потребна длабинска анализа на иницијативите кои се поднесуваат до Обвинителството за да можат поефикасно да се процесуираат.

Марија Саздевски од МЦМС ги презентираше наодите од следењето на работата на ДКСК во периодот од октомври до декември 2016 година. „Активностите на ДКСК биле насочени кон давање мислење за примена на одредбите од Законот за спречување на корупцијата во изборниот период“, истакна таа. ДКСК отворила вкупно 1.548 предмети по барања за мислења за примена на одредбите од Законот за спречување на корупцијата. Најголем дел од нив се од страна на институциите.

Dali modelot na antikorupciskite agencii e kluchen za nivniot uspeh 2

Особено беше интересна информацијата дека ДКСК побарала надлежно постапување од Јавното обвинителство на РМ за 21 здружение и фондација и една политичка партија, односно, детални контроли на нивното финансиско - материјално работење од Управата за јавни приходи и за финансиска контрола/анализа од Управа за финансиско разузнавање.

Извештајот покажува дека обврските за доставување на информации за изборот и именувањето на 193 лица на 199 функции (според податоците објавени во Службен весник) и обврските за  доставување анкетни листови не се целосно исполнети. ДКСК можела, а не повела иницијатива пред надлежен суд за да изрече глоба на институција или одговорно лице од институцијата што не доставиле податоци потребни за ажурирање на Регистарот. Комисијата повела три иницијативи за разрешување, распоредување, сменување на избрани или именувани одговорни лица. Сите три иницијативи се на ниско ниво, за избрани и именувани лица во образовни институции. Во периодот од октомври до декември 2016 г. ДКСК примила вкупно 19 пријави од граѓани, од кои 12 се решени.

Претседателот на ДКСК, Игор Тантуровски изрази очекување дека благодарение на соработката од овој проект јавноста ќе има пореална слика за работата на Комисија, што не е случај во моментот. „Единствената институција која законски смее да ја набљудува работата на ДКСК е Собранието на РМ“, рече Тантуровски, „но, низ овој проект, со ова следење на нашата работа, сметаме дека ќе ја подобриме сликата за нас во јавноста“, рече тој. „Не само Собранието, туку и граѓанскиот сектор, медиумите и научната и стручна јавност треба да се вклучат во следењето на работата на Комисијата“, истакна Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнал Македонија во текот на дискусијата.

Dali modelot na antikorupciskite agencii e kluchen za nivniot uspeh 3

Целта на Форумот беше да се отвори дискусија за улогата, досегашните постигнувања и можностите за подобрување на работата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во спроведувањето на антикорупциските политики и борбата против корупцијата.

Форумот е дел од проектот „Следење на работата на Државната комисија за спречување на коруп-цијата“ што го спроведува МЦМС, а  финансиски е поддржан од Британската амбасада во Македонија.

 
civica-logo
tacso-logo

Ново

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Дали моделот на антикорупциските агенции е клучен за нивниот успех?